Јувентус не запира: Шчешни договорен, следен е Де Шилјо

Јувентус денеска го претстави Даглас Коста како засилување за следната сезона, а директорот Марота во меѓувреме ги финализира преговорите за останатите играчи кои се наоѓаат на листата со желби на тренерот Масимилијано Алегри.

„Старата дама“ го реши проблемот со позицијата резервен голман, откако ги финализираше преговорите околу трансферот на Шчешни од Арсенал. „Топчиите“ долго време инсистираа на 16 милиони евра, за денеска да ја прифатат понудата од десет милиони за голманот кој не е дел од плановите на Венгер, па последните две сезони ги мина на позајмица во Рома. Откако Нето беше продаден во Валенсија за осум милиони евра, Јуве за само два милиони евра разлика во цена доведе уште подобра опција за резерва на Џанлуиџи Буфон.

Следен на листата од желби на Алегри и Матиа де Шилјо. Бекот на Милан беше тема на преговори и при трансферот на Бонучи, но двата клуба се договорија неговата преселба во Јуве да се дискутира одделно. Де Шилјо има само уште една година од договорот со „росонерите“, воедно и нема да биде стандарден по целосниот ремонт на тимот од Милано, па Јувентус се надева дека со понуда од 10 милиони евра ќе успее да го доведе во своите редови.

Марота по комплетирањето на овој трансфер ќе се насочи кон Немања Матиќ, кој сигурно заминува од Челси. Проблем е што англискиот првак инсистира на 40 милиони отштета за српскиот репрезентативец, додека „старата дама“ нема намера да плати повеќе од 30, уште повеќе ако се знае дека Конте воопшто не смета на неговите услуги одлучувајќи воопшто да не го земе во тимот за турнејата низ Азија.

Се вчитува...