Кадетите на Вардар во финалето на силен турнир во Италија

Кадетската екипа на Вардар одлично ја претставува македонската кошарка на силен турнир во Италија, каде „црвено-црните“ со својата генерација 2002 стигнаа до финалето. На турнирот во Милано учествуваат осум екипи од неколку различни земји, а „вардарци“ најпрвин го освоија второто место во групата, за синоќа во полуфиналето да слават над Бергамо со 66-62.

Иако против себе имаа силен ривал, „црвено-црните“ предводени од тренерот Александар Јованчев одговорија на предизвикот, забележаа победа и си обезбедија место во финалето во кое ќе се сретнат со домаќинот Армани џинс. Најефикасни кај Вардар во полуфиналната пресметка беа Савичевиќ и Јовановски со по 19 поени.

„Овој турнир беше одлична можност да го споредиме нивото на квалитет со екипите од Италија и од уште неколку земји, а резултатите само го потврдуваат потенцијалот што го поседува нашата екипа. Јасно е дека оваа генерација на Вардар поседува исклучително квалитетни играчи“ – задоволен беше тренерот Јованчев, кој воедно е и селектор на У15 репрезентацијата на Македонија.

Се вчитува...