Камара: Време е за радост на „вардарки“ во Подгорица

ЖРК Вардар утре заминува за Подгорица, а веќе во недела го игра првиот меч од главната фаза во Лигата на шампионите, против Будуќност. Овие две екипи одиграле седум меѓусебни натпревари во ЛШ, а црногорскиот претставник има четири победи, еден нерешен резултат, а Вардар двапати триумфирал, минатата сезона во Скопје.

Тимот на Давид Дејвис Камара никогаш не победил на гостувањето во Црна Гора, но стратегот на „вардарки“ верува дека неговата екипа ќе го оствари првиот гостински триумф.

„Оптимистички сум расположен сто проценти. Екипата е подготвена за ова. Трениравме две недели веќе, и ќе имаме неколку чекори напред во формата. Затоа и сметам дека екипата е подготвена за прва гостинска победа во Подгорица. Добро е што веќе имаме искуство од лани и претходните сезони па играчите знаат како се игра ова дерби. Секогаш велам дека играчите се тие што играат, и никој друг. Но, постојано напомнувам дека Будуќност има добри играчи, и тренер. Играат добро индивидуално и колективно. Нивниот тренер е почитуван, секогаш е коректен и знае да направи добра анализа“ –  вели Давид за официјалниот сајт на ЖРК Вардар.

Тренерот на македонскиот првак потенцираше дека клучно на неделниот дуел ќе биде да се најде лек за гранитната одбрана на црногорскиот состав.

„Ние секогаш ќе ја играме нашата игра, и тоа е тоа. Секако дека сакаме да победиме и така е на секој натпревар. Играме според договореното, и во недела нема да отстапиме од она што и досега сме го играле. Тие имаат одлична одбрана. Најголемата опасност е што играат брзо, со многу полуконтри и контри, а и нивниот голман е одличен“ – заврши стратегот на „вардарки“.

Се вчитува...