Канелјас од Кил во Вардар – втор најдобар трансфер во Европа

Вардар заврши одлична работа со ангажманот на Жоан Канелјас. Шпанскиот бек пристигна од редовите од Кил и експресно се адаптираше во новата средина, промовирајќи се во еден од лидерите на Раул Гонзалес, пред се на клучните средби од Лигата на шампионите. Токму затоа, неслучајно овој трансфер беше избран за еден од најдобрите во Европа за изминатата сезона, во изборот што традиционално го организира порталот „Хендбол планет“.

„Вардарци“ со доведувањето на шпанскиот репрезентативец се најдоа на второто место, а подобар „бизнис“ од македонскиот првак направи единствено Пари сен Жермен со ангажманот на суперталентираниот десен бек Недим Ремили од екипата на Кретеј. Третото место во ова гласање го освои Уве Генсхајмер со трансферот од Некар Левен во ПСЖ, пред голманот Буриќ, кој по заминувањето од Горење Велење веднаш се наметна како лидер во Вецлар, и петтопласираниот Сигурдсон, кој е огромно засилување на Некар Левен по трансферот од Барселона.

Шестото место му припадна на крилото на Барселона, Валеро Ривера, зад кого следат Филип Вебер од Вецлар, Сајад Естеки од Динамо Букурешт, голманот Сидил Думулан, кој од Тулуз дојде во Нант…

Од македонските тимови на оваа ранг-листа од 20 најдобри трансфери се наоѓа и Металург, кој со ангажманот на Немања Обрадовиќ од Валенс го освои единаесеттото место.

Се вчитува...