Капитулација на „кралевите“ во Тел Авив

Реал Мадрид по фуриозниот старт и четирите победи во низа влегува во криза во Евролигата откако „кралевите“ го претрпеа вториот пораз во серија, овојпат на гостувањето против Макаби со 90-83. Иако имаа солидна предност на стартот од мечот, избраниците на Пабло Ласо му дозволија на домашниот тим да се врати, а потоа и да го контролира резултатот до самиот крај. Лука Дончиќ имаше краток блесок во последната четвртина кога со седум поени во низа донесе минимална предност на Реал, но следеше нова серија на Макаби, со која израелскиот тим заслужено стигна до победата.

Дешон Томас со 21 поен беше главна фигура во редовите на Макаби, Мајкл Рол постигна 16, а Алекс Тајс 14 поени за победничкиот тим, додека Дончиќ со 19 поени, 6 скока и 6 асистенции беше најрасположен за игра кај „кралевите“ од Мадрид.

ЦСКА Москва премногу лесно и убедливо го декласираше шпанскиот првак Валенсија со резултат 94-67. Домашниот тренер Итудис се реши да го стартува мечот без Де Коло во првата петорка, а шпанскиот клуб го искористи тоа и набрзина поведе со 6-17. Сепак, со влегувањето на францускиот ас играта на ЦСКА доби на ритам, експресно се истопи предноста на гостите, па на крај рускиот гигант триумфираше со убедливи 27 поени разлика.

Де Коло беше извонреден постигнувајќи 23 поени за само 20 минути игра (во последната четвртина воопшто не ни влезе на теренот), двоцифрен ефект кај ЦСКА имаше и Хигинс со 16 поени, а најдобар стрелец на Валенсија при денешниот пораз беше центарот Плајс со 12 поени, сите постигнати во првото полувреме.

Се вчитува...