Караџовски пред трансфер во Работнички

Димитар Караџовски е многу близу до трансфер во Работнички, па искусниот плејмејкер би требало во следниот период и официјално да го стави својот потпис на договорот со најтрофејниот македонски клуб. Во таборот на Работнички не ја криеја желбата потрагата на пазарот да ја насочат кон домашни кошаркари, а по Кире Николовски од Карпош соколи, сега раководството на клубот од „Градскси парк“ вниманието го насочило кон Караџовски.

Македонскиот репрезентативец има валиден договор со Куманово, но одлуката за намалување на буџетот на актуелниот вицешампион може да придонесе да дојде до негово заминување од оваа екипа. ЕКИПА дознава дека Работнички веќе испратил и конкретна понуда, под примамливи услови што најверојатно ќе бидат прифатени од кошаркарот. Се очекува трансферот да биде комплетиран најдоцна до понеделник, се со цел тренерот Докузовски да може да смета на неговите услуги за вечното дерби со МЗТ Скопје, што ќе се игра во Аеродром на 6 декември.

Со ангажманот на Караџовски тренерот Докузовски ќе има на располагање одлична бековска линија, заедно со Димитар Мираковски, но и со Американецот Вилијамс на плејмејкерската позиција, дополнително засилени со Чавдар Костов, како и со младиот Виктор Ефремовски.

Се вчитува...