Касим Каменица пред отказ во Пелистер!

Резултатската криза на Пелистер се продлабочи со денешниот пораз од Охрид, а цената вообичаено во вакви ситуации ја плаќа тренерот. Исклучок нема да биде ниту Касим Каменица, откако информациите од Битола велат дека раководството на клубот целосно ја загубило довербата во искусниот стратег, кој во најскоро време ќе добие отказ од функцијата.

Пелистер играше квалитетно во првиот круг од Супер-лигата, воедно минувајќи и неколку рунди од европските купови. Сепак, проблемите настанаа во последните месеци, откако битолчани влегоа во „црна серија“. Од првите пет натпревари во плејофот „зелените“ победија само на една и моментно се наоѓаат на претпоследното место на табелата. Згора на тоа, во Купот на Македонија „пелистерци“ беа поразени од градскиот ривал Работник, втор пораз во низа од новиот амбициозен битолски клуб, што беше само уште една причина за незадоволство кај раководството на Пелистер.

Ракометарите на Пелистер во следното коло од плејофот го пречекуваат Борец, дуел на кој најверојатно ќе бидат предводени од нов стратег на клупата.

Се вчитува...