Кавадаречкото срце донесе триумф и над Берое

Фени индустри направи огромен чекор напред кон полуфиналето во БИБЛ-лигата откако стигна до голема победа на гостувањето во Бугарија против Берое од 66-68. Со тоа кавадарчани се искачија на делба на второто место на табелата, зад лидерот Бероа, па со триумф во последното коло на домашен терен над Кожув тимот на Љупчо Малинков би се пласирал во Топ 4 од регионалното натпреварување. Слично како и на куп-средбата со МЗТ, екипата на Фени повторно се наоѓаше на работ на амбисот, но со одлична игра во последните две минути се врати од негатива од „минус пет“ и стигна до големата победа.

Средбата почна катастрофално за македонскиот тим, кој за неполни три минути игра се најде во негатива од 10-0. Пајиќ конечно погоди  за кавадарчани на стартот од петтата минута, иницирајќи серија од девет поени со кои тимот на Љупчо Малинков експресно се врати во оваа средба. Првата чевртина заврши со минимални 12-11 за бугарскиот состав, за Фени да го отвори вториот период со пет поени во низа (тројка на Магдевски и прецизен шут на Стаји) и да стигне до водство од 12-16. Македонскиот состав го контролираше резултатот до крајот на полувремето, стигна дури и до десет поени предност (18-28), за сепак на одмор да замине со „плус четири“ (25-29).

Цврстата одбрана на Берое во финишот од вториот период беше најава за уште подобра игра на домаќините во третата четвртина, кога бугарскиот состав успеа повторно да го сврти резултатот во своја полза. Американецот Рос уште на половиина од четвртината го врати Берое во предност (40-38), па во последните десет минути се влезе со водство на домашниот тим од 49-45. Како и на претходните средби од Купот на Македонија, Фени покажа карактер и не се предаде, па кавадарчани уште еднаш се вратија од невозможна ситуација, откако противникот имаше водство од 66-61 и напад. Најпрвин кавадарчани се одбранија, потоа Јане Петровски погоди тројка, па Чешковиќ со прецизен удар донесе израмнување на 66-66. Следеше промашен шут на Гибсон, по што Стајиќ ги реализираше двете слободни фрлања и на крајот Фени по голема битка стигна до победата.

Чешковиќ со 12 поени беше најефикасен кај Фени индустри, пред Ѓекиќ и Петровски со по 11 постигнати поени.

Се вчитува...