Ќе го скрши ли Вардар малерот во Загреб?

Во балканската пресметка во А групата од Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар денеска (20 ч.) му гостуваат на ППД Загреб. Вардар никогаш досега го нема победено храватскиот шампион на домашен терен во натпреварите од ЛШ, иако неколкупати „црвено-црните“ излегувале победнички од загрепска „Арена“ во дуелите во СЕХА лигата.

Во вкупните девет меѓусебни средби во Лигата на шампионите, Загреб има пет победи од кои четири пред својата публика во „Арена“, еден натпревар завршил нерешено, а три биле со триумф на Вардар. Минатата сезона, вардарци во Загреб беа во улога на фаворит, но на крај завршија со пораз. Во фаворитска улога „црвено-црните“ се и денеска, но тренерот Раул Гонзалес предупредува дека мора да бидат максимално претпазливи и да не дозволат да им се повтори ланската грешка.

Сега е слична ситуација како лани, одиме во Загреб како фаворити. Лани одигравме добро 45 минути, имавме пет гола разлика, и на крај загубивме. Треба да го почитуваме ривалот, да играме 60 минути со мотив и концентрација. Знаеме дека ќе биде тешко, таму секогаш се игра со голем притисок“ – вели Раул Гозналес.

Во првиот меѓусебен дуел во ЛШ во оваа сезона, Вардар во „Јане Сандански“ победи со 28-21, а победа славеше и во годинашниот дуел во СЕХА лигата (30-23). Вардарци имаат победничка серија и вкупно во првите шест кола од групната фаза од ЛШ и со 11 бода супериорно ја држат лидерската позиција во групата А. За разлика од од ППД Загреб кој во првите шест кола е без победа, со две нерешени средби и четири порази. Хрватскиот тим предводен од Касим Каменица, во дуелот со Вардар го брка последниот воз за пласман во следната осминафинална фаза во ЛШ.

Натпреварот со Вардар ни е позната тема со оглед на тоа дека сезонава веќе игравме два пати во Скопје. Изгубивме и на двата натпревари со седум гола разлика. Се надевам на поинаков однос на силите на овој натпревар и на него гледам на еден позитивен начин“ – изјави Каменица пред денешната пресметка со Вардар.

Се вчитува...