Ќе му каже ли Червар „збогум“ и на Металург?

Лино Червар од денеска и официјално не е повеќе селектор на Македонија, но неговиот статус во Металург засега се уште останува отворен. Хрватскиот стратег со писмо ја извести РФМ дека ја прифатил понудата од Хрватска по што доаѓа спогодбен раскин на договорот. Таквио писмо засега во Автокоманда се уште нема.

Информациите од Металург велат дека засега нема ништо официјално дали селекторскиот ангажман на Червар во Хрватска ќе значи и негово дефинитиво повлекување од клупата на Металург на која дојде во 2009 година. Червар со екипата на Металург деновиве е на подготовки во Пореч. Оттаму за хрватските медиуми најави прес-конференција на која ќе бидат разјаснети сите детали.

Со оглед на тоа дека Лино Червар со Хрватска влегува во проектот ЕП 2018 на која се домаќини, со амбиција „коцкестите“ да го освојат европското злато, прогнозите се дека ќе биде тешко изводливо тој паралелно да ја води и храватската репрезентација и да го задржи клупскиот ангажман во Металург. Во таа насока беше и најавата од потпретседателот на Хрватскиот ракометен сојуз, Зоран Гобац, кој уште по состанокот со Лино Червар во Скопје нагласи дека клупски ангажман на селекторот може да толерираат евентуално до јуни.

Селекторот ќе треба целосно да и се посвети на репрезентацијата. Можеме да толерираме да има клупски ангажман до 15 јуни, но потоа дефинитивно ќе мора да работи само со хрватскиот национален тим“ – изјави тогаш Зоран Гобац.

Според ова, Червар, наскоро ќе мора да го соопшти и својот став околу статусот во Металург. Најави се дека тој ќе остане на клупата на тимот од Автокоманда до крајот на сезоната и ќе го води Металург во домашниот плеј-оф и во завршницата од Купот на Македонија. Но, не се исклучува ни можноста Лино Червар деновиве да му каже збогум и на Металург.

Според извори од Автокоманда иако ситуацијата засега е „статус кво“, веќе има неколку звучни тренерски имиња кои се во комбинација да го наследат Червар на клупата на Металург.

Се вчитува...