Кеита на „Енфилд“ од јануари, Ливерпул доплаќа 15 милиони евра

Ливерпул нема да троши богатство на наследник на Филипе Кутињо во овој преоден рок, туку ќе го „забрза“ трансферот на Наби Кеита, откако „црвените“ во последните неколку дена ги интензивираа преговорите со Лајпциг за ангажманот на интернационалецот од Гвинеја. Токму овој фудбалер се наоѓаше на врвот на листата со желби на Јирген Клоп минатото лето, тогаш Лајпциг не сакаше ни да чуе за продажба, па двата клуба на крајот договорија трансфер што ќе се реализира во јули 2018 година.

Сепак, откако Лајпциг испадна од Лигата на шампионите, а овој тим е далеку и од битката за титулата во Бундес-лигата, директорот Рангник сега е подготвен да даде зелено светло и за јануарски трансфер. Покрај договорените 55 милиони евра минатото лето, Ливерпул ќе доплати уште 15 милиони за да го доведе Кеита на „Енфилд“ во следните неколку дена.

Со тоа, Клоп ќе го затвори ростерот за оваа сезона, воопшто не праќајќи понуди за Ријад Махрез и за Томас Лемар, фудбалери кои беа поврзувани со трансфери во Ливерпул по заминувањето на Кутињо во Барселона.

Се вчитува...