Кими Раиконен: Титулата се уште не е загубена

Кими Раиконен верува дека Ферари се уште има шанса да ја освои шампионската титула и дека нема предвреме да се откажат од битката со Мерцедес во преостанатите трки од шампионатот. Во „скудеријата“ очекуваа да ја освојат трката за ГН на Сингапур минатата недела бидејќи патеката „Марина Беј“ одговара на карактеристиките на нивниот болид, но инцидентот на стартот меѓу Раиконен и неговиот клупски колега, Себастијан Фетел, по кој двајцата испаднаа од трката и ги прокоцкаа шансите за победа.

Карамболот на болидите на Ферари му одеше во прилог на Луис Хамилтон со Мерцедес, кој победи на трката и ја зголеми предноста пред Фетел на лидерската позиција во генералниот пласман. И во конкуренција на конструктори Ферари е на втората позиција со заостаток од 102 бода зад Мерцедес. Но, според Раиконен, италијанскиот тим се уште има шанси да остане во борба за титулата.

„Само медиумите сметаат дека ќе биде тешко да се бориме за титулата. Ние не мислиме така. Веднаш тргнавме со нови сили за следната трка – нов викенд, нова битка победа. Ќе направиме се што е во наша моќ“ – вели Раиконен.

До крајот на Ф1 шампионатот остануваат уште шест трки. Следната трка ќе се вози на патеката Сепанг за ГН на Мелезија на 1 октомври.

Се вчитува...