Кире Лазаров: Македонската публика ќе биде за Вардар, за нас ќе навива во финалето

„Како и да е, во финалето во Келн ќе има двајца Македонци“ , вели Кире Лазаров во интервјуто за сајтот на ЕХФ, во пресрет на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Ждрепката сакаше во полуфиналето на завршниот турнир, на 3 јуни, да се сретнат Барселона и Вардар, шпанскиот шампион со Кире Лазаров и Борко Ристовски во составот и македонскиот исто така со двајца Македонци – Стојанче Стоилов и Петар Ангелов , но и со неколку Шпанци и со Раул Гонзалес на клупата.

„Пред се, Вардар игра исклучително успешна сезона, за која јас имам голем респект. Бројот на Македонци во составот е повеќе политичко отколку спртско прашање – и јас не сакам да се мешам во тоа ниту пак да коментирам. Најважно е што без разлика на исходот од ова полуфинале, дефинитивно, двајца Македонци ќе играат во финалето“ – истакнува Кире Лазаров.

Македонскиот капитен во дресот на Барселона истакнува дека тоа е многу важно за Македонија каде ракометето е спорт број еден. И, секако за публиката и за навивачите кои годинава има за кого да навиваат на завршницата од Лигата на шампионите во Келн.

Нормално е публиката да го поддржи Вардар, тоа е македонски клуб и јас целосно го прифаќам тоа. Но, ако ние победиме во полуфиналето, се надевам дека Македонците ќе навиваат за нас во финалето“ – вели Лазаров на прашањето за кого ќе навива македонската публика во Келн на дуелот меѓу Барселона и Вардар.

Освен специфичниот момент што за ново европско финале во ЛШ ќе игра токму против македонскиот шампион, за Кире Лазаров настапот на годинашниот Ф4 турнир во Келн ќе биде и последен во дресот на Барселона пред неговата преселба во францускиот Нант. Како искусен играч и голем професионалец, најдобриот стрелец на Барселона во изминатите четири години вели дека и покрај се, на теренот нема простор за многу емоции.

„Ќе бидам опуштен и смирен. Знам што можам да очекувам од себе си после толку години, ќе го дадам најдоброто од себе и ќе уживам во овие два дена во Келн“ – вели Лазаров.

Македонскиот бек во својата колекција ги има титулите најдобар стрелец во историјата на европските и на светските првенстава, две титули најдобар стрелец во Лигата на шампионите, над 1000 постигнати голови во најсилното европско натпреварување, пет настапи на Ф4 во Келн и една шампионска титула освоена со Барселона во 2015 година. Но, Кире Лазаров и 37-годишна возраст се уште е “гладен“ за победи и максимално мотивиран во својот последен настап во дресот на Барселона да освои уште една шампионска титула на претстојниот Ф4 турнир во Келн.

„Ова за мене ќе биде петти Фајналфор во Лигата на шампионите. Да се биде дел од овој настан е навистина нешто посебно и треба да се има одредено искуство за да се игра и да се победи. Она што е навистина чудно од претходните години е фактот дека на Ф4 фаворитите ретко го освојуваат трофејот. Можеби една од причините за тоа е што треба да се виде на високо ниво  два пати во 24 часа, што го прави настапот на Ф4 искулучително тежок“ – истакнува Лазаров.

Се вчитува...