Кире Маркоски со дополнителен повик од селекторот Ангеловски

Фудбалерот на Работнички, Кире Маркоски, доби дополнителен повик од селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски, во пресрет на утрешниот собир за пријателскиот натпревар против Норвешка, што ќе се одигра на 11 ноември на арената „Филип Втори“ во Скопје. Тој треба да се појави утре напладне во хотелот „Гранд плаза“ во Скопје, заедно со останатите репрезентативци.

Кире Маркоски беше стандарден член на репрезентацијата до 21 година која учествуваше на Европското првенство во Полска.

Засега јасно е дека Никола Ѓорѓев од Твенте дефинитивно поради повреда ќе го пропушти овој собир. На повреди се жалат и Кире Ристевски, Висар Муслиу и Аријан Адеми. Првите двајца треба да се јават на повикот на селекторот и да бидат прегледани од докторскиот тим, а Адеми попладнево прави дополнителни прегледи во Загреб, по што ќе биде позната дефинитивно и неговата ситуација. Тој има проблеми со израсток на скочниот зглоб, и треба да се направи проценка околу можна хируршка интервенција.

Се вчитува...