КК Работнички: МКФ е со двојни аршини, од кого се исплашија официјалните лица?

Раководството на КК Работнички преку соопштение до јавноста ја искажа својата разочараност од одлуката на официјалните лица вчерашниот дуел со Карпош соколи да биде прекинат, а продолжението закажано за денеска да се доигра во празна сала.

Соопштението на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив го пренесуваме во целост:

Почитувани,

КК Работнички по повод вчерашните случувања на натпреварот помеѓу КК Работнички и КК Карпош Соколи, сака да го изрази своето несогласување со одлуките на службените лица и постапките на МКФ. Наместо полуфиналниот натпревар да биде празник на кошарката, повторно службените лица се ставија во главна улога на натпреварот.

Неправилно донесените одлуки кои не би сакале да ги карактеризираме како тенденциозни доведоа до бурни реакции од страна на екипата и публиката, но сепак не можеа да се искористат како причина за прекин на натпреварот. Неинтервенирањето на полицијата го докажува истото.

Дополнитено, сакаме да ја потсетиме спортската јавност дека вчерашниот натпревар беше „дежаву“ од натпреварот со КК МЗТ Скопје Аеродром пред неколку сезони кога на ист начин беше прекинат натпреварот.

Од друга страна, тенденциите да се забрани натпреварување во салата Градски Парк се повеќе од провидни. Притисоците од страна на МКФ започнаа уште пред две кола од како КК Работнички ги доби натпреварите помеѓу КК Карпош Соколи и КК МЗТ Скопје Аеродром.

По прекинот на натпреварот се направија неколку разговори со службените лица, каде што КК Работнички направи се за натпреварот да продолжи. Иако сите во салата беа свесни дека тврдите предмети кои беа фрлени на теренот не доаѓаа од трибината каде што беше сместена навивачката група, туку од трибината А каде што имаше публика која навиваше и за двата клуба, службените лица тенденциозно бараа празнење на трибината со најверните навивачи на КК Работнички.

Беше понудено и прифатено од страна на службените лица навивачите да ја сменат трибината со гаранција од страна на КК Работнички дека нема да има никакви инциденти. Но, во моментот кога службениот претставник на КК Карпош Соколи беше информиран за овој предлог, соопшти дека ќе ја повлече екипата доколку салата не биде целосно испразнета. По ова службените лица донесоа одлука во полза на КК Карпош Соколи и ни беше кажано дека во рок од 15 минути доколку не се испразни салата нема да продолжи натпреварот.

Сакаме да прашаме, од кого тоа се исплашија службените лица, и како оваа одлука на КК Карпош Соколи е различна од онаа кога КК Работнички ја повлече својата екипа на натпреварот против КК МЗТ Скопје Аеродром?

Очигледно МКФ има двојни аршини за клубовите во Првата лига. Доколку навистина не ги разбира проблемите во македонската кошарка редно е 90% од салите да ги забрани за натпреварување и да се игра само во неколку сали во Македонија.

Разгледувајќи ги сите овие факти КК Работнички се размилслува која е поентата да го продолжи натпреварувањето во плејофот, бидејќи како клуб постоиме за и благодарение на публиката која 70 години е шестиот играч на теренот на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Единствено можеме да изразиме жалење дека одредени клубови и спортски работници никогаш нема да можат да разберат како е да се игра пред полна сала со свои навивачи кои легнуваат и се будат со клубот. Сепак Ви посакуваме некогаш и Вие да почувствувате како е кога од Вас ќе побараат да празните сала полна со илјадници Ваши поддржувачи. Спортот се игра за публика, а не за премии и локални политички поени!

  

Ристо Гапиќ,

Претседател на

КК Работнички АД Скопје

Се вчитува...