Клаудио Браво пенал – мајстор: Чиле прв финалист на Купот на Конфедерации

Чиле е првиот финалист на Купот на Конфедерациите во Русија, откако го совлада европскиот првак Португалија, на пенали, со 3-0. Јунак беше голманот Клаудио Браво, кој одбрани три пенали. По 120 минути игра, мечот заврши без голови.

Клаудио Браво ги одбрани ударите на Рикардо Кварезма, Жоао Мутињо и на Нани, на стартот од пенал – серијата, и тоа беше пресудно. Чилеанците беа прецизни реализатори од белата точка.

Дуелот беше интересен и претходно. Чилеанците први се заканија уште во шестата минута, кога Варгас излезе сам пред голот на Португалија, но Руи Патрисио му влезе во шут и спаси сигурен гол. Потоа и Португалците возвратија преку Роналдо и Андре Силва, но повторно без ефект. И подоцна имаа свои шанси двете селекции, но мрежите останаа да мируваат.

Мечот отиде во продолженија, а идеална можност за пласман во финалето имаше Чиле, откако Видал, а потоа и Родригез, во 119.минута двапати ја погодија рамката од голот на противникот.

Во второто полуфинале, утре ќе играат Германија и Мексико.

Се вчитува...