Пенезиќ, Лекиќ, Кликовац остануваат вардарки, Лазовиќ неизвесна

Женската екипа на Вардар по примерот на големите европски клубови, со време го составува ростерот на екипата за следната сезона. Ново име во тимот засега официјално е само Драгана Цвијиќ која доаѓа како екстра засилување на пикерската позиција.  Во оптек се и информациите за преговори со Кристина Неагу, но според последните сознанија, романската репрезентативка е многу поблиску до договор со актуелниот европски шампион ЧСМ Букурешт и враќање во Романија.

Од постоечкиот состав на Вардар според најавите ќе биде сочуван костутрот на тимот. Засега е извесно дека ќе продолжи соработката со бековското трио – Андреа Лекиќ, Андреа Пенезиќ и Андреа Кликовац. Црногорската репрезентативка е дел од тимот уште кога почна новиот проект во ЖРК Вардар во 2012 година и според неофицијалните информации, Кликовац ќе го носи дресот на Вардар и во наредните две сезони.

Андреа Лекиќ во ЖРК Вардар дојде во 2013 година и заедно со Андреа Пенезиќ која пристигна во Скопје една година подоцна, ја сочинуваат ударната сила во нападот на „црвено-црните“. Овој бековски двоец ќе го предводи ЖРК Вардар и во наредната сезона.

Засега се уште е неизвесен статусот на десниот бек Барбара Лазовиќ, во најава е дека од Вардар си заминува Татјана Хмирова, а на излезна врата најверојатно ќе биде и Ања Алтхаус.

Вардарки имаат серија од осум победи во Лигата на шампионите и моментно се на лидерската позиција во Групата 1 од главната фаза на ЛШ. Три години по ред Вардар е учесник на Ф4 турнирот во ЛШ во Будимпешта и три пати досега го освојува третото место. Амбициите на македонскиот шампион се годинава да го помине полуфиналето и да се искачи повисоко на европскиот подиум.

Се вчитува...