Кливленд и Голден Стејт започнуваат нова глава во трилогијата за шампионатот

Голден Стејт вориорс и Кливленд кавалирс рано утринава одново ќе ги мерат силите во финалната серија од НБА-лигата, веќе трета година во низа. Двата тима од претходните финалиња делат по една титула, време е да се отвори нова дискусија околу тоа кој е подобар. За првпат во историјата на НБА финалињата три години по ред ќе се сретнат две исти екипи, па така ова ривалство прераснува во легендарно сценарио, за кое ќе се зборува долго време, без разлика на победникот.

На патот до финалето и Кливленд и Голден Стејт „чистеа“ се’ пред себе. Бранителот на титулата загуби само еден меч од вкупните 12 во разигрувањата, и тоа од Бостон во конференциското финале, додека за „воините“ не беа дораснати ниту Портланд, ниту Јута, а најмалку Сан Антонио без најдобрите Кавај Ленард и Тони Паркер.

Сите ќе зборуваат за дуелот Џејмс – Кари, но оваа година разликата за Вориорс ја прави Кевин Дурант, кој ќе го брка првиот прстен во неговото второ финале во кариерата. Леброн Џејмс во досегашниот дел од плеојфот има учинок од  32.5 поени по натпревар, 8 скока и 7 асистенции, беше јасно како ден дека најдоброто од него го чува за плејофот, со оглед на тоа дека добар дел од регуларната сезона одмараше. Кај вицешампионот најефикасен е Стеф Кари со просек од 28.5 поени по натпревар, Кевин Дурант е нешто понеуспешен од неговиот соиграч со 25,5 поени, но за да биде новиот лидер на тимот „Дурантула“ мора да се надмине себеси за конечно да стигне до прстенот,  причината поради која се пресели во Оукленд и ја изневери Оклахома.

„Голден Стејт се моментално најдобриот тим во лигата, тоа го докажаа откако ги елиминираа едни од најквалитетните екипи на западот. Ова го кажувам зошто знам дека тоа е точно, а знам бидејќи сум играл против најдобрите тимови во минатото. Подобри се од минатата година, но исто и ние. Ќе направиме се’ за да ја одбраниме титулата и повторно го израдуваме градот. Ова ривалство вечно ќе се зборува“– истакна  Леброн Џејмс, кој вечерва ќе настапи во финалната серија седми пат по ред.

Во регуларниот дел од сезоната двата тима ги поделија победите. Кливленд во првата пресметка славеше со еден поен разлика, односно 109-108, додека на средбата во Оукленд Голден Стејт беше далеку подобар и триумфираше со огромни 126-91. Но, избраниците на Кер повеќе ги боли поразот од минатогодишното финале, откако ја испуштија предноста од 3-1 и дозволија пораз во мајсторката.

„Тука сме да го вратиме она што е наше, а тоа е титулата. Тоа што ни се случи лани не смее да се повтори, а не смее ниту да не прогонува мислата дека може да се повтори такво нешто. Сега сме поискусни играчи од минатата година,подготвени сме да одговориме на секој предизвик. Не сакам само да ги победиме, туку и да ги уништиме Кливленд“- вели самоуверениот Дрејмонд Грин во пресрет на првиот финален меч.

Навистина е тешко да се прогнозира победник. Неспорно е дека Џејмс никогаш не бил помотивиран за победа, ќе диригира на теренот како што правеше досега, но прашањето е дали Ирвинг и Лав ќе му помогнат да го запрат триото Грин – Дурант – Кари, кои пак ќе треба да го подобрат шутот од дистанца, бидејќи Џејмс во разигрувањата има подобар процент на реализирани тројки од сите нив комбинирано. Се’ на се’,  не очекуваат најмалку четири тешки и рамномерни дуели, а се надеваме дека повторно ќе гледаме мајсторка.

Првата средба започнува рано утрово, во 3 часот по полноќ, а за три дена ќе се одигра вториот дуел во „Оракл“ арената. Потоа серијата се сели во Охајо.

Се вчитува...