Клоп: Ни „граѓаните“ не се среќни што ќе играат со нас

Ливерпул налета на Манчестер сити во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но Јирген Клоп е убеден дека и неговите следни ривали се незадоволни што ќе мора да играат против „црвените“ за место меѓу најдобрите четири екипи во Европа.

„Го реков тоа и претходно, сеедно ми е против кого ќе се паднеме. Го добивме Манчестер сити, ајде нека дојдат натпреварите да видиме кој ќе се радува. Сезонава игравме два пати, еднаш ги победивме, еднаш загубивме. Не сме најсреќни од ждребот, но сигурен сум дека и „граѓаните“ не се среќни што ќе играат со нас, тоа е јасен знак колку силни ние можеме да бидеме. Едно е сигурно, не сме фаворити, но во четвртфиналињата од ЛШ ретко има фаворити. Ова е фудбал и ништо не е решено дури не се излезе на терен и не се одиграат натпреварите. Имаме неколку кола во Премиер-лигата претходно и ќе се обидеме да освоиме максимални бодови, за со уште поголема самодоверба да влеземе во дуелот со Манчестер сити“ – изјави Клоп.

Првиот меч меѓу Ливерпул и Манчестер сити ќе се игра на 4 април на „Енфилд“, а на 10 април ќе се игра реваншот во Манчестер.

Се вчитува...