Кој да суди: Вардар не сака Данци, не сака ни Русинки…

Вардар продолжува со коментирање за судиите, наместо фокусот да се насочи целосно кон теренот и настапот на тимот на утрешниот реванш во Лигата на шампионите против Фленсбург. „Црвено-црните“ преку клупско соопштение уште еднаш го посочи изборот на дански судии за реваншот во Скопје што ќе се игра утре. Една недела откако Сергеј Самсоненко на прес-конференција јавно ги прозва судиите Гједин и Хансен како „чуден избор“ за реваншот во „Јане Сандански“, македонскиот првак со соопштение посочи на „судир на интереси“ на данските арбитри, бидејќи во Фленсбург настапувале голем број на ракометари од Данска.

Токму во тој правец, „црвено-црните“ самите побарале да бидат променети руските судии кои беа именувани за полуфиналето од ЛШ за жени, бидејќи газдата на Вардар доаѓал од Русија.

Соопштението на РК Вардар го пренесуваме во целост:

Пред претстојниот меч за реванш натпреварот за пласман на машкиот Ф4 турнир во Келн помеѓу Вардар и Флензбург, нашиот тим сака пред јавноста да посочи одредени факти поврзани со номинацијата на делителите на правдата. Цениме, дека се конструираат одредени дејствија во случај клубот повторно да реагира на реалните случувања.

Пред неколку денови нашата управа одржа прес-конференција на која ги изнесе аргументите и реагираше за именување на составот што ќе ја дели правдата, кој е од Данска. Во тимот на Флензбург, нашиот ривал, главниот спонзор исто така доаѓа од Данска, како и големиот дел од ракометарите.

Вчера беа номинирани руски судии за полуфиналниот натпревар од Ф4 турнирот во женска конкуренција меѓу Вардар и ЧСМ Букурешт што треба да се игра во Будимпешта на почетокот на мај. Дали номинацијата на оваа судиска двојка е резултат на нашите изнесени информации имајќи го предвид составот на женскиот ракометен клуб Вардар каде голем дел од ракометарите се од Русија, главниот тренер е Русин, а и спортскиот директор и главниот спонзор се исто така од Русија? Дали луѓето што ги делегираат судиите имаат за цел да не замолчат или се конструира потенцијален спин доколку има повторно реакција од наша страна?

Вардар е секогаш за фер игра, каде се залагаме да победи поквалитетната и подобра екипа, а ги почитува сите судии, но не се согласува со делегирањето каде постои можност за субјективност. Доколку се работи за натпревар од групната фаза делегирањето на судиите немаше да биде поттик за реакција од клубот.

Машкиот тим на Вардар за 24 часа го игра историскиот меч од постоењето на клубот, и би сакале да спречиме било каков потенцијал за постоење на судир на интереси. Клубот денеска ќе испрати писмо до ЕХФ каде ќе побара промена на судиската двојка во полуфиналниот натпревар од Ф4 турнирот во женска конкуренција во Будимпешта.

Нема калкулации и компромиси, ќе се бориме до крај, ќе се бориме за македонскиот ракомет, ќе се бориме за Вардар.

Се вчитува...