Кој е посилниот – Вардар или Ѓер?

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Дали македонскиот шампион Вардар ќе се радува на историската прва титула во Лигата на шампионите, или, пак унгарскиот Ѓер во Будимпешта по трет пат ќе го слави европскиот трон? Одговорот ќе го даде денешното финале во „Ласло Пап Арена“.

Генералната оценка е дека моментно ова се двете водечки екипи  во женскиот ракомет и дека финалето на Ф4 во Будимпешта ќе биде вистинска круна на сезоната. Секој ја посакува престижната титула, тоа е нормално. И секој има свои адути и свои планови како да стигне до неа.

polufinale7 amorim

Ѓер има искуство и домашен терен, но и притисок на грб

Она што им е заедничко на двата годинашни финалисти во женската лига на шампионите е речиси перфектната сезона зад нив во која и Ѓер и Вардар беа неприкосновени во натпреварите од ЛШ. И во оние малку порази што ги имаат, интересно е дека и двата годинешни финалисти беа совладани од францускиот Мец кој не ни стигна до завршницата на ЛШ.

Вардарки го претрпеа најтешкиот пораз од Мец во групната фаза (42-28), а Ѓер беше изненаден од Французинките во првиот натпревар од четвртфиналето (32-31).

Ѓер сезонава има десет победи и само два порази и едно реми во натпреварите од ЛШ. Унгарскиот тим во групната фаза има пораз од Митјиланд и реми со Ларвик во главната фаза од ЛШ.

Уште на почетокот на сезоната Ѓер остана без Хајди Локе која со години наназад беше еден од носителите на играта на унгарскиот шампион. Норвешката репрезентативка се повлече од теренот поради бременост, а потоа и дефинитивно објави дека кариерата ќе ја продолжи во Норвешка. На нејзино место, Ѓер до крајот на сезоната ја ангажира Тунижанката Асма Елгауи која ја држи пикерската позиција заедно со Холанѓанката Ивет Брох. Сепак, без Локе на линијата, Ѓер е можеби и „најтенок“ токму на оваа позиција.

Унгарскиот тим сеознава ја нема Локе, но, има друг норвешки капиталец. Во ланскиот преоден рок во редовите на унгарскиот шампион дојде Нора Морк. Со Морк на десен бек,  заедно со искусната Анита Горбиц на плејмекерската позиција и со Едуарда Аморим Талеска на левата страна, Ѓер ја има моментно најсилната бековска линија во Европа. А, искусниот шпански стратег, Амброс Мартин, знае да ги искористи своите адути. Шпанецоткој на клупата на Ѓер дојде во 2012 година, сезонава е прогласен за најдобар тренер во Лигата на шампионите.

Ѓер досега има освоено две титули во Лигата на шампионите (2013, 2014) и има одиграно вкупно пет финалиња во ЛШ. Последен пат Ѓер беше на европскиот подиум во 2014 година. Наредната сезона унгарскиот тим не стигна ни до Ф4, а лани го загуби финалето од ЧСМ Букурешт.

Ѓер ја има предноста на домашниот терен во Будимпешта и поддршката од навивачите во „Ласло Пап Арена“, но го има и притисокот и товарот на фаворит за кој по две сезони без титула, се под победничкиот подиум е неуспех.

vardar - csm 12

Пресврти на клупата, но мир и константност во Вардар

Вардар нема титула во Лигата на шампионите, но е најконстантен од сите екипи од големата четворка, со четири последователни настапи на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. По трите бронзи во ЛШ, македонскиот шампион годинава направи и еден сигурен чекор напред до првото финале во Лигата на шампионите.

Вардар во изминативе четири години го задржа костурот на тимот кој од сезона во сезона се надоградува на секоја позиција.

Исто како и Ѓер, вардарки до денешното финале имаат десет победи, едно реми и два порази. Во групната фаза, македонскиот шампион стартуваше со реми против ФТЦ (27-27) по кое Индира Кастратовиќ беше сменета од тренерската позиција. Сезонава победа против Вардар славеа само Будуќност во Скопје (28-31) и Мец во веќе споменатиот меч на домашен терен (42-28). Македонскиот шампион го има најдобриот напад во главмната фаза во ЛШ со 311 постигнати голови и во своите редови ја има Андреа Пенезиќ, најдобриот стрелец во ЛШ.

Пред стартот на сезоната, во Вардар од ЧСМ Букурешт дојде голманката Мајса Песоа, а составот го засилија и Французинката Александра Лакрабер на десен бек и Норвежанката Камила Херем на лево крило.

Вардар сеознава имаше и три тренерски смени на клупат. По Индира Кастратовиќ, дојде Давид Дејвис под чие водство „црвено-црните“ постигнаа клупски рекорд со осум последователни победи. Но, Дејвис не остана на клупата до крај на оваа најуспешна сезона во клупската историја. После Дејвис, на клупата на вардарки непосредно пред четвртфиналето во ЛШ, седна Ирина Дибирова. На поранешната руска репрезентативка која во својата играчка кариера има и две титули од ЛШ, Вардар и е прво тренерско искуство. Дибирова со помош на клупата од Едуард Кокшаров и од Аце Станковски, сепак, со Вардар стигна до европското финале и има можност денеска да испише нови страници во историјата како прва која успеала да освои шампионска титула и како играч и како тренер.

Токму бројните тренерски смени и неискуството на Дибирова се припишува како минус на Вардар во денешниот дуел со Ѓер. Но, од друга страна, вардарки потврдија дека можат да сочуваат мирна глава и покрај промените на клупата. Без премногу притисок.

Што ќе пресуди во големото финале, ќе видиме. Фактите се сепак, само на хартија. На терен е некоја друга приказна, посебно кога се игра финале за титула во Лигата на шампионите.

Се вчитува...