Кој лета повисоко – „штрковите“ и „соколите“ во битка за врвот

МЗТ Скопје и Карпош соколи вечерва (19 часот) во малата сала „Јане Сандански“ ќе ги одмерат силите во клучната битка за освојување на првото место во Супер-лигата, кое ќе значи и избегнување на незгодниот Работнички во полуфиналето од плејофот. „Металците“ славеа на првиот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“, но ќе мора повторно да триумфираат над ривалот од АБА-лигата и вечерва доколку сакаат да се задржат на врвот на табелата, на кој се наоѓаат од самиот старт на Супер-лигата. Кошаркарите на МЗТ минатото коло загубија на вечното дерби со Работнички, па Анте Назор е свесен дека вечерва мора да се одигра многу подобро отколку на последниот меч во „Градски парк“.

Очекувам исклучително тежок натпревар бидејќи влогот е навистина голем, а тоа е првото место на табелата пред плејофот. Сите досегашни меѓусебни средби со Карпош Соколи беа максимално изедначени, решени на една топка, поради што утре ќе мора да бидеме максимално борбени и буквално да изгинеме на паркетот. Мора да ја цениме секоја топка, секој напад и првенствено да бидеме сконцентрирани на својата игра, таа да биде течна во нападот и агресивна во одбраната. Треба да внимаваме на противничкиот шут од далечина, што е нивно силно оружје, што значи дека треба да бидеме агресивни на секоја топка и на линија на додавањето и со далеку поголем ангажман во одбраната да ја контролираме средбата. Пристапот не смее да биде како против Работнички, туку треба да покажеме карактер и желба за успех уште од самиот старт на натпреварот“, вели хрватскиот стратег на клупата на македонскиот шампион.

И останатите две средби од ова 9. коло во Супер-лигата на програмата се вечерва во истиот термин од 19 часот, Кожув ќе го пречека Работнички, додека Куманово во директна битка за четвртото место на табелата ќе биде домаќин на Фени индустри.

Се вчитува...