Кој за колку вози во Ф1: Алонсо има 40 милиони, а Верлајн само 150.000 долари!

Во Формула 1 се вртат милијарди долари, а пред стартот на секоја сезона транспарентно се објавува за секој возач кој за колку пари вози и какви му се финансиските детали од договорот.

Пензионирањето на актуелниот шампион Нико Розберг, го помести односот на силите меѓу возачите во Ф1 за претстојната сезона, кога се парите во прашање. Најголема промена има кај Валтери Ботас кој се приклучи во тимот на Мерцедес со кој има едногодишен договор со можност за продолжување на договорот и за следната сезона, со годишна плата од околу 8,5 милиони долари.

Со најголема фикасна годишна плата во Ф1 е Шпанецот Фернандо Алонсо. Возачот на Мекларен зарабува по 40 милиони долари по сезона.

Луис Хамилтон во Мерцедес има за девет милиони долари помала плата од Алонсо, но Британецот има клаузула во тригодишниот договор со Мерцедес за дополнителни бонуси кои може да достигнат до 10 милиони долари годишно.

Триото на најдоброплатени возачи во Ф1 го комплетира Себастијан Фетел со годишна плата во Ферари од 30 милиони долари и плус дополнителни бонуси.

Далеку зад нив е групата од четворица возачи со годишни плати меѓу 8,5 и 3 милиони долари во која се Ботас (8,5 милиони долари), Кими Раиконен ( 7 милиони долари и бонуси од 10 милиони долари), Даниел Рикиардо (6,5 милиони долари) и Фелипе Маса ( 3,5 милиони долари).

Третата група ја сочинуваат возачи со плати од 3 до 1 милион долари, а тука се Нико Хулкеберг (3 милиони), Макс Ферстапен (3 милиони долари), Серхио Перес (2,5 милиони долари), Роман Грожан (1,5 милиони долари), Кевин Магнусен (1 милион долари) и Џојлон Палмер (1 милион долари).

На крај се возачите што ќе заработуваат помалку од еден милион долари годишно – Данил Квајт (750.000 долари), Карлос Саинц (750.000 долари), Стофел Вандорм (300.000 долари), Маркус Ериксон (285.000 долари), Естебан Окон (185.000 долари)

Со најниска плата во новата сезона во Ф1 ќе вози Паскал Верлејн. Возачот на Заубер има годишна заработувачка од само 150.000 долари. Единствено нема информации за финансискиот договор на новиот возач Вилијамс, Ленс Строл. Младиот Канаѓанец е син на милјаредерот Лорен Строл, и според некои извештаи неговиот татко инвестирал 35 милиони долари во Вилијамс за да може неговиот син да вози за нив.

plati F1

Се вчитува...