КОМЕНТАР: Од Косово, крстопат… Будење или неповрат

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Жално е кога ќе дојде време да се биде барем малку задоволен од пораз од Косово, во потсвеста да стои она „можеше и многу полошо“, по негативата од 20 поени во првото полувреме. Точно е, можеше и полошо, но таквиот став е само доказ за дупката во која тоне мак-баскетот веќе подолг период.

А време е конечно да размислуваме обратно – можеше и мораше подобро. А ако нешто моравме, тоа е да не изгледаме така потпросечно 20 минути против селекција што на официјален меч немаше ниту еден единствен триумф – додека не излезе на терен против Македонија.

Атмосферата беше „жешка“, но далеку од пеколна за нашиот национален тим да изгледа така смешно против потпросечен ривал. Да се шутира тројка 1/13, да се дозволат десет офанзивни скока за 20 минути, да се знае дека Бериша е алфа и омега на противникот и никако да не се успее да се најде лек за него… сето ова се проблеми за кои мораше благовремено да се најде решение, а не потоа да се „замачкуваат“ во од. Селекторот изјави дека ова е најслабиот меч откако седна на клупата – реалноста е дека ова беше и првиот вистински натпревар, се останато беше подготовка за овие претквалификации, темпирање на формата, корегирање на грешките, кои кај нас ги имаше во огромен број

Ова е пораз што боли, но воедно и последно предупредување. Бидејќи косовската шлаканица може да ја искористиме за будење, или пак за пат во неповрат, доколку не ја научиме лекцијата и повторно потфрлиме в сабота против Естонија. Пораз во Скопје ќе значи фијаско, огромен чекор кон последната позиција и тотален колапс на македонската кошарка и нејзино бришење од европската мапа за следните години.

Во своите редови имаме и квалитет и искуство за да одговориме на предизвикот, против Естонија да покажеме дел од блесоците од минатото и да се вратиме назад на патот кон елитата. Бидејќи уште еден чекор назад може да биде погубен за мак-баскетот.

Се вчитува...