Кошаркарите на Работнички ги добиваат заостанатите плати, продолжуваат со тренинзи

Максимална неизвесност владееше изминативе денови околу стартот на подготовките за продолжението од првенството меѓу кошаркарите на Работнички кои најавија и штрајк поради доцнењето на исплатата на заостанатите плати. Проблем за составот на Марин Докузовски претставуваат и временските услови и незагреаната сала за тренинг, поради што постојано се одложуваат тренинзите во 2017 година.

Сепак, од општина Центар, од каде се финансира најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, денеска преку соопштение информираа дека надминати се сите пречки од административен карактер за трансфер на средства од буџетот за КК Работнички, по што кошаркарите и стручниот штаб деновиве ќе ги добијат заостанатите плати, а наскоро ќе се продолжи и со тренинзите пред почетокот на вториот дел од шампионатот.

Соопштението од општина Центар ви го пренесуваме во целост:

Општина Центар ја информира јавноста дека постапката за трансфер на средства од буџетот за КК “Работнички” е завршена и клубот од денес ги подмирува обврските .

Уште еднаш потсетуваме дека проблемот беше од чисто административен карактер и истиот e надминат. Тренинзите продолжуваат со нормалната динамика, а по усвоениот Буџет за 2017 година, отстранети се сите пречки за проблемите да не се јават во иднина. “Работнички” во моментов е прв на табелата и се очекува со успех да продолжи со сите натпреварувања после повеќе години на потпросечни резултати.

За општина Центар, КК “Работнички” и натаму ќе биде приоритет а поддршката ќе остане силна и во иднина.

Се вчитува...