Кошаркарите триумфални против Бугарија (80-70) - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
25/09/2017 15:15
Коментари
25/09/2017 12:12
Фудбал
25/09/2017 11:31
Фудбал
25/09/2017 11:43

Кошаркарите триумфални против Бугарија (80-70)

Кошаркарите триумфални против Бугарија (80-70)

Македонската кошаркарска репрезентација забележа победа на контролниот натпревар со Бугарија (80-70), прв домашен меч во подготовките за претквалификациите за СП 2019. Во меч во кој очекувано имавме многу осцилации сепак одлично го контролиравме резултатот. Клучната разлика избраниците на Давитков ја создадоа во последната четвртина, кога успеаја да се одлепат, дојдоа и до двоцифрена предност, па потоа рутински го приведоа мечот до крај.

Македонија го почна натпреварот со Мекиќ во стартната петорка, крај Теодор, Стојановски, Тасовски и Чековски. Играта во одбрана функционираше беспрекорно во првите четири минути, во кои противникот не постигна ниту еден поен, а „црвено-жолтите“ набрзина поведоа со 7-0. Со поените на Војдан Стојановски имавме и предност од 9-2, но потоа гостите ја консолидираа својата игра и успеаја да се вратат резултатски. Првата четвртина со четирите поени во низа на Џордан Теодор ја завршивме со позитива од 15-11.

mkd bugarija10 makedonija naredeni kosarka

Симеонов погоди тројка на почетокот од вториот период, што беше најава за израмнета игра на двете страни. Со тројката на Ѓуроски, Македонија поведе со 23-19, но набргу потоа Бугарија го сврте резултатот и поведе со 24-26, прво водство на гостите на натпреварот. Taсовски со тројка ја прекина мини-серијата на противникот, по што прецизни беа и Стојановски и Теодор, па Македонија поведе со 30-26. Завршницата на полувремето беше максимално интересна, најпрвин Георгиев погоди тројка за 35-36, пред Теодор да возврати со иста мера и избраниците на Јорданчо Давитков да заминат на одмор со резултат 38-36.

Израмнетата игра од првото полувреме продолжи и во третата четвртина, во која селекциите повторно се менуваа во водство. Македонија повторно беше подобра на стартот од периодот, поведе и до 46-38, но Бугарите се вратија и во 27. минута поведоа со 51-52. Борбеноста на Јаневски под обрачите беше значаен фактор во овој дел од мечот, важна тројка погоди Стојан Ѓуроски, па во последната четвртина се влезе со предност од 57-54.

mkd bugarija12 stojan gjurovski

Јаневски ги постигна првите поени за Македонија во четвртата четвртина, веднаш потоа прецизен беше и Костоски и далечина, по што нашите кошаркари го контролираа резултатот. Во овој период настапивме без Џордан Теодор, кој се пожали на болка во мускулот и го проследи остатокот од мечот од клупата за резерви. Сепак, тоа не го наруши ритамот на „црвено-жолтите“, кои играа сигурно во нападот и на пет минути до крајот поведоа со 70-61. Чековски ја продолжи доминацијата под обрачите, па во 37. минута Македонија за првпат стигна и до двоцифрена предност (72-61). Гостите  дојдоа до шест разлика (72-66), но кога беше најпотребно нова тројка погоди Тасовски, кој ги разреши сите дилеми околу победникот, во мечот што заврши со конечни 80-70.

Тасовски беше најефикасен во нашите редови со 18 поени, пред капитенот Војдан Стојановски со 16, Џордан Теодор со 15 и Чековски со 12 поени, 7 скока и 4 асистенции.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.