Кошаркарките стартуваа со подготовки пред дуелите со Хрватска и со Италија

Во текот на наредните пет дена спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде домот на најдобрите македонски кошаркарки. Тие се подготвуваат за натпреварите од вториот сегмент во рамки на евроквалификациите. Првиот натпревар го играат на домашен терен против Хрватска, в сабота (10. февруари) со почеток во 20.45, додека вториот ќе го одиграт на гостински терен, на 14. февруари против Италија.

„Нормално дека ќе ни недостасуваат Антиќ, Гивенс и Пејковска кои се повредени и закрепнуваат, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Ќе го дадеме својот максимум како и на последните два натпревара. Хрватска, мислам дека ни е шансата да дојдеме до првата победа на овие квалификации. Тие имаат добра репрезентација, претежно млада и не е толку искусна како претходните години и тоа е плус за нас. Против Италија ќе се потрудиме да одиграме подобро од тоа што го дадовме од себе на теренот во Скопје. Добро е што ги познаваме. Секако дека очекуваме победи, но и се надеваме на поддршка од трибините која секако ќе биде дополнителен мотив за нас. Тие се нашиот шести играч на теренот и ги повикувам да дојдат во што поголем број“, истакна капитенот на селекцијата Анџелика Митрашиновиќ.

Селекторот Марјан Лазовски очекува поддршка од фановите, која ќе ги мотивира дополнително кошаркарките.

„Пред се сакам да им се заблагодарам на девојките кои се одзваа на повикот. Мораме да го искористиме овој прозорец за да го направиме она што ние како репрезентација и треба да го направиме. Мораме да се подготвиме добро и да покажеме добри игри. Играме првпат со Хрватска, репрезентација што по мене одигра променливо во првите два натпревара – дома загубија од Шведска, а на гости ја добија Италија. Се работи за сериозна репрезентација на која мора да и обрнеме внимание и да и наметнеме игра која ќе ни донесе победа овде в Скопје. Се надевам дека по она што го гледам, девојките се максимално мотивирани. Тоа ми дава дополнителна енергија, а верувам и на нив за да се покажат во што подобро светло на терен. Натпреварот в сабота ќе покаже дали сме способни да победиме. Полни трибини значат многу за нас. не верувам дека ќе се исполни арената до последното место, но верувам дека што поголема посетеност ќе ги инспирира дополнително девојките за да го остават срцето на терен. Ни недостасуваат играчи, но тука ни се Ешли Парис со која сме засилени во рекетот, тука е и Едина Муса, а утре ќе ни се приклучи и Ана Тантуровска. Ростерот ќе ни биде проширен и со тоа ќе пружиме поголем отпор на противниците“, вели селекторот Марјан Лазовски.

Се вчитува...