Кошаркарската репрезентација на Косово, која ќе биде прв ривал на Македонија на 2 август во претквалификациите за СП 2019, денеска го одржа првиот собир. Новиот селектор, Американецот Бред Гринберг, изрази оптимизам дека оваа репрезентација ќе ги оствари зацртаните цели – пласман на едно од првите две места во групата со Македонија и со Естонија.
„Со нетрпение го очекував стартот на оваа авантура, очекувам одговорно однесување на поединците, што е предуслов за создавање на силен тим. Немаме многу време, затоа очекувам максимална посветеност на тренинзите во овие триесет дена до стартот на квалификациите“ – изјави Гринберг при првиот собир.
Селекцијата на Косово ќе биде посилна во овој претквалификациски циклус откако успеа да добие зелено светло за настап на Ерјон Кастрати и Гезим Морина. Станува збор за двајца играчи кои ја минаа младинската школа на Унион Олимпија, кои ќе му бидат на располагање на Гринберг. Кастрати е член на Унион Олимпија, додека Морина минатата сезона го носеше дресот на Приморска.
Од страна на селекторот Гринберг повторно повикан беше и Јарен Сина, првиот албански кошаркар кој се најде на летен камп во НБА-лигата, но не успеа да ги импресионира челниците на Денвер нагетс за да му понудат договор. Новина во составот на Косово е вклучувањето на Лис Шоши, кошаркар кој настапуваше за Универзитетот Арканзас во НЦАА-лигата и би требало да донесе дополнителен квалитет во составот на Гринберг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА