Костоски: Една победа многу менува, подобри сме и од Естонија

Триумфот над Косово значително ја подобри атмосферата во редовите на македонската кошаркарска репрезентација. Нашите кошаркари беа во шок по стартниот пораз во Приштина, тоа им се одрази и на домашниот дуел со Естонија, но во ситуација кога се најдоа на работ на амбисот одговорија на предизвикот, па со одличното второ полувреме стигнаа до триумф поголем од четири поени разлика и останаа во игра за пласман во главните квалификации за СП 2019.

Немаше некоја филозофија или некоја конкретна промена во играта во второто полувреме – едноставно знаевме дека сме подобри од Косово и само требаше тоа да го покажеме на терен. Во првиот дел се мачевме поради грчот и огромниот притисок со кој се соочувавме, но штом влеговме во ритам знаевме дкеа ќе стигнеме до посакуваната победа. Заигравме подобро во одбраната, произлегоа и лесни поени од контранапад, а почнавме и да погодуваме шутеви што претходно не завршуваа низ обрачот. Самите се наградивме за сиот вложен труд летово и стигнавме до триумфот кој дефинитивно менува многу. Сега атмосферата е многу подобра, сите веруваме дека можеме да славиме и во Естонија бидејќи сме поквалитетни и од овој ривал“ – истакнува Александар Костоски, кој одигра одлично синоќа против Косово.

Македонија веќе загуби на домашен терен од овој противник,  но Костоски е оптимист дека в среда можеме да им вратиме мило за драго на Естонците.

Ние самите се победивме од Естонија, исто како што самите се победивме и во Приштина. Знаеме дека сме поквалитетни, но и свесни дека мораме тоа да го покажеме на терен. Квалитетот на Естонците е што тие играат во исто темпо 40 минути, очекувам да биде одработен добар скаутинг и во следните неколку дена да се подготвиме тактички за да ги неутрализираме нивните напади. Како што реков, ние сме подобри од Естонија, сега ни останува тоа да го покажеме на нивни терен во Талин и да го обезбедиме местото во главните квалификации за СП“ – оптимистички е расположен плејмејкерот на македонската репрезентација.

Се вчитува...