Кожув без шанси во Кавадарци

Фени индустри си ги задржа шансите за пласман во плејоф-завршницата од кошаркарскиот шампионат откако вечерва славеше против дирекниот ривал Кожув со резултат 79-69.

Отсуството на Американецот Мекнил, кој си замина од Кожув минатата седмица, очекувано остави трага врз играта на тимот од Гевгелија, а квалитетниот состав на Фени индустри знаеше како да го искористи тоа, рано стигна до солидна предност и го контролираше резултатот до самиот крај. Како пресудна се покажа првата чевртрина што кошаркарите на Фени ја добија со 24-11, по што гостите и покрај обидите не успеаја да се вратат и да ја загрозат победата на кавадарчани. На три минути до крајот избраниците на Малинков имаа и најубедливи осумнаесет поени предност (76-58), но падот на концентрација во финишот им овозможи на гостите да се изборат за пораз од „само“ десет поени разлика.

Бобан Стајиќ одигра одличен натпревар со 22 поени и 11 скокови, Јане Петровски постигна 16 поени за победничкиот тим, кој заедно со Кожув и со Куманово има идентичен скор од 2-6 во пресрет на последните две кола и трката за четвртото место кое води во полуфиналето од плејофот.

Се вчитува...