Кожув го декласираше подмладениот Работнички

Кожув ја продолжи серијата добри игри во домашното првенство откако по Куманово го совлада и тимот на Работнички, и тоа со убедлив резултат 77-56. Лидерот допатува во Гевгелија значително ослабен, без Мираковски и Тасовски, а со подмладен состав тимот на Марин Докузовски не успеа да им парира на максимално мотивираните домаќини.

Гостите од Скопје последен пат имаа предност во 6. минута, кога при 8-11 Кожув направи серија од 8-0, го сврте резултатот во своја полза и го контролираше резултатот се до самиот крај. Работнички одржуваше неизвесност се до средината на третата четвртина. При резултат 46-41 Мијовиќ погоди тројка за Кожув, веднаш потоа прецизни беа и Мекнил и Хол, па предноста повторно стана двоцифрена. Домашните кошаркари целосно доминираа во последната четвртина, кога впрочем и го демолираа лидерот на табелата. На неколку минути до крајот резултатот гласеше преубедливи 77-50, за во самиот финиш Работнички да ја спушти разликата на 21 поен разлика, за конечни 77-56.

Мекнил учествуваше со 22, а Хол со 21 поен во оваа победа на Кожув, додека Мијовиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 13 скокови. Кај Работнички најефикасни при вториот пораз сезонава беа Чековски со 14, Мишановиќ со 12 и младите Малинко и Ефремовски со 11, односно 10 поени.

Се вчитува...