Кожув гo растури Фени во БИБЛ

Кожув неочекувано лесно и убедливо го декласираше составот на Фени индустри во првото коло од втората фаза во БИБЛ-лигата, дуел во кој клубот од Гевгелија ги совлада кавадарчани со 89-73. Македонското дерби во рамките од групата Ц требаше да донесе борбена игра и израмнетост, но наместо тоа мина во знакот само на една екипа – домаќините, кои целосно доминираа на теренот и сосема заслужено се радуваа на победата.

Првата четвртина заврши со водство на Кожув од 22-18, а избраниците на Игор Михајловски набрзина поведоа со 34-20 на стартот од вториот период. Фени само за момент се врати со серија од девет поени во низа, нешто подоцна кавадарчани намалија на 40-37, но Кожув успеа да се стабилизира и на одмор да замине со предност од осум поени (48-40). Сите дилеми околу победникот беа разрешени во третата четвртина што домашниот тим ја доби со 20-11, осигурувајќи го триумфот уште на десет минути до крајот на мечот. Последната четвртина беше само рутина за гевгеличани, кои со победа го оставаат зад себе кризниот период во кој поради долгови кон МКФ службено загубија еден натпревар од домашното првенство.

Сите членови на стартната петорка на Кожув имаа двоцифрен ефект (резервите постигнаа вкупно седум поени), а најефикасни беа Мекнил со 25 и Хол со 16 поени. Најдобри поединци кај Фени индустри при вечерашниот пораз беа Кире Николовски со дабл-дабл од 16 поени и 10 скока и Ѓекиќ, кој постигна 14 поени.

Фени индустри и Кожув заедно со Сутјеска со по четири бода се наоѓаат на делба на второто место на табелата во својата група, со два бода заостанување зад лидерот Берое.

Се вчитува...