Крај на надежите: Кубица останува без Формула 1?

Роберт Кубица нема да биде дел од Формула 1 шампионатот ниту наредната година, откако полскиот возач не ги задоволил вкусовите на челниците на Вилијамс. Иако имаше неколку успешни тестирања за време на ланската сезона, како пресудни се покажале последните кругови што тој ги извозел на тестот во Абу Даби, со што раководството на клубот решило да побара друга опција за 2018 година.

Како што јавува „Аутоспорт“, сега погледите на Вилијамс се целосно насочени кон 22-годишниот Сергеј Сироткин, кој се подготвува од Формула 2 да дебитира во елитното друштво. Тој прикажал далеку подобри перформанси од Кубица и од Строл, па до крајот на годинава се очекува и официјално да потпише договор со Вилијамс.

Со ова најверојатно и дефинитивно се става крај на надежите на Кубица дека би можел да го има својот камбек во „летечкиот циркус“, шест години по излетувањето на рели-трка во кое заработи тешка повреда на раката.

Се вчитува...