Кралот Леброн пак седна на НБА тронот, „Армејците“ одново ја покорија Европа

*Don’t mean a thing, without the ring* – Ron Harper, 1996.

Од 73 битки, „воините“ излегоа со победничка насмевка на нивното лице. Момците на Стив Кер испишаа историја соборувајќи го рекордот на Чикаго Булс од 1996 година со 73 победи и само девет порази во регуларниот тек на сезоната. На патот до финалето кошаркарите на Голден Стејт ги минаа Хјустон, Портланд и Оклахома, за да во финалето се сретнат против Кливленд, шампионот на Источната конференција. Се чинеше дека шампионот на сезоната 2015/2016 е одлучен откако „воините“ имаа водство од 3-1 во финалето на плејофот. И тогаш се случи сосема неочекуван пресврт. Од готово – вересија, народски кажано. Голден Стејт успеа да прокоцка водство кое на крајот го чинеше и титулата. Со 4-3 во победи, Кливленд се закити со својата прва шампионска титула во 52 години постоење, а одличниот Леброн Џејмс кој го водеше тимот до историската титула седна на најпосакуваниот трон во најсилната кошаркарска лига, третпат во неговата кариера.

И додека Голден стејт ја пишуваше историјата во НБА, Коби Брајант ги играше своите последни натпревари како кошаркар на ЛА Лејкерс. Големиот ас одлучи да и стави крај на кариерата откако освои пет шампионски титули во НБА. Неколку месеци подоцна Тим Данкан ја изненади јавноста откако реши да и стави точка на својата кариера. Данкан ќе биде запаметен како еден од најдобрите крилни центари во НБА лигата.Третиот кошаркар кој одлучи да се повлече беше одличниот Амаре Стодемаер, кој ќе ја одигра својата последна сезона во Хапоел од Ерусалим.

Црвеносината коњаница од Москва ја покори Европа; последниот блесок на Дијамантидис…

cska slavi titula

Во шест наврати Армејците од Москва ја покоруваа Европа. И од 2008 година, па сè до 2016 година, ’коњаницата’ не беше соодветно оседлана за да се повтори тој успех. Сè додека Димитрис Итудис не ги заузда „црвено-сините“ од ЦСКА Москва. Во втората година од меѓусебната соработка, грчкиот стратег повторно ги донесе Армејците до завршницата од Евролигата, а Фенербахче на спротивната стграна не можеше да ги запре. Впрочем, ретко кој можеше и во регуларниот тек на сезоната, каков што е случајот и во новата сезона. Актуелниот шампион е на врвот на табелата во Евролигата, со само три порази зад себе.

И додека ЦСКА славеше, Панатинаикос го правеше токму спротивното. Дванаесет години од својот живот Димитрис Дијамантидис им ги посвети на „зелените“ од Атина, а потоа одлучи да го затвори тоа поглавје. Дијамантидис освои бројни признанија меѓу кои деветкратен шампион на Грција, трикратен на Евролигата, поради што раководството на клубот одлучи да го пензионира неговиот број. Дресот со бројот 13 ќе ја ркаси Олимписката спортска сала во Атина, покрај четворката на Алвертис.

[vionvideo url=”http://ekipa.mk/video/c64ad710fd20a0fc86ebaff2786cd2e8.mp4″]

Се вчитува...