Криза во Мекларен – изборот е или Хонда или Алонсо

Фернандо Алонсо би можел да го напушти Мекларен, доколку тимот не го реши проблемот со моторите на Хонда, откриваат британските медиуми, по катастрофалното издание на Мекларен на претсезонските тестови.

Алонсо и дебитантот во болидот на Мекларен, Стофел Вандорн, на тестирањата во Барселона заостануваа далеку зад конкурентите поради проблемите со моторот на Хонда. Шпанецот  неколку пати го изрази своето разочарување пред се од подготвеноста на болидот и проблемите со моторите. Се погласни се и шпекулациите за негово заминување од британскиот тим. Договорот на Алонсо со Мекарен му истекува на крајот на годината, а шефот на Мекларен, Ерик Булие, открива под кои услови Алонсо би останал во тимот.

„Има многу приказни за иднината на Алонсо. Без разлика дали е тоа на почетокот или на крајот од сезоната. Вистината е дека Фернандо е многу чесен со нас и не го крие своето мислење пред медиумите. На крајот од минатата сезоната се договоривме, Алонсо сакаше прво да види како ќе се одразат новите правила на спортот и дали во тимот ќе можеме да ги искористиме и да имаме напредок со нив. Според мене, на Фернандо му се допаѓаат промените во Формула 1. Но, претставувањето на нашите болиди на претсезонските тестови не може да му се допаѓа и тој тоа го кажа пред сите. Не гледам ништо лошо во тоа. Разочаран е затоа што тој многу посакува повторно да се натпреварува со конкурентен болид, со кој ќе може да му  покаже на цел свет за што е способен“ – вели Булие.

Алонсо неодмана откри дека бил во преговори со Мерцедес, но дека за тоа каде ќе ја продолжи кариерата ќе размислува после летната пауза. Од Мекларен пак се надеваат дека ќе успеат да го задржат Шпанецот, но дека главниот проблем е од техничка природа во недоволно подготвените мотори од нивниот партнер Хонда.

Се уште не е загубена надежта, но на крајот на годината, одлуката ќе биде негова и нема да му се мешаме. Од наша страна можам само да ветам дека ќе сториме се што е во наша можност да му дадеме силен болид со кој повторно ќе ужива во трките како порано. За мене, без сомнение, Алонсо е најдобриот возач во Формула 1 и ако почне повторно да победува, сигурно ќе остане во Мекларен до крајот на кариерата“ – вели шефот на Мекларен.

Се вчитува...