Кузмановски: Момци, израдувајте ја ракометна Македонија

Пред речиси два месеци Филип Кузмановски заработи повреда на десната, шутерска рака која го испрати на принуден одмор надвор од терените. На младиот репрезентативен бек му беше успешно извршена операција која значеше уште два месеци пауза.

Повредата дојде во најлош момент и за Металург, кој во тоа време се натпреваруваше во Лигата на шампиони, но и за репрезентацијата. Таа го оддалечи Кузмановски од сениорската репрезентација која утре го започнува својот петти настап на едно планетарно ракометно натпреварување.

„Во контакт сум со играчите, но и со селекторот, па знам дека атмосферата е позитивна, на едно многу високо ниво. Очекувам играчите да го дадат својот максимум и им посакувам да имаат успешен турнир за да ја израдуваат ракометна Македонија, а јас ќе ги бодрам од Скопје каде што ќе продолжам со мојата рехабилитација за да се вратам посилен од претходно“– истакнува за ЕКИПА, Филип Кузмановски.

Младинската репрезентација успешно ги мина квалификациите за Светско првенство, на кои Кузмановски не можеше да даде свој придонес. Но, тој ќе биде голем дополнителен адут токму на мундијалот во Алжир.

„До овој момент заздравувањето на раката оди најдобро што може. Се чувствувам сè подобро. Сè уште одам на терапија, но истовремено тренирам и во теретана. Лично, мене ми е жал што се повредив во лош момент и повредата ме спречи да учествувам на Светското првенство за сениори, но и да бидам дел од младата селекција која успеа да направи голем успех со пласманот на мундијалот во Алжир. Сега со напорна работа ќе бидам подготвен за тој предизвик, секако, со Господ напред и со спортска среќа. Се надевам дека во Алжир ќе направиме успех и повторно ќе ја израдуваме Македонија, но овој пат и со мој придонес на теренот“ – вели младиот репрезентативец.

Се вчитува...