Кузмановски: На нас младите останува оваа репрезентација

Младиот бек на нашата ракометна репрезентација, Филип Кузмановски вели дека главна мотивација за големата победа против Чешка беше публиката која ги бодреше до самиот крај. Кузмановски е среќен што во за ЕП во Хрватска репрезентацијата ќе оди како првопласирана од групата, а воедно и од се поголемиот придонес што помладите ракометари го даваат во играта на националниот тим.

„Сакам пред се,  да се заблагодарам на публиката што дојде да не поддржи во толкав број. Публиката ни беше мотивација за оваа голема победа, со нив, секој  натпревар е полесен. Што се однесува до нас, помладите играчи, нормално да правиме грешки, но тука сме зошто заслуживме. На секој натпревар го даваме својот максимум, даваме се од себе за да помогнеме на оваа репрезентација да дојде до позитивни резултати. На нас младите останува овој тим, ние сме тие што во иднина треба да ја градиме играта на репрезентацијата. Мило ми е што како првопласирани одиме на Европското во Хрватска, тоа за нас е голема предност“, истакна Кузмановски.

Ракометарот на Металург е среќен што по настапот на Европското првенство во Полска, ќе настапи и во Хрватска, но пред се’, треба да се подготви за Светското првенство за јуниори, кое ќе се игра во Алжир, а започнува на 18. јули.

„Иако нема време за одмор, среќен сум што можам да помогнам на било кој начин, и на сениорите и на младата репрезентација. На 28. јуни ни започнуваат подготовките претстојното Светско во Алжир за млади, така што немаме многу време за одмор, мора добро да се подготвиме и да обезбедиме што подобри резултати. За Македонија треба да се игра со срце“, додаде 20-годишниот бек.

Се вчитува...