Лазаров: Ангола не е велесила, но и не е толку наивна…Словенија нека биде фаворит против нас

Македонија ја оствари и втората победа на Светското првенство во Франција, совладувајќи ја очекувано Ангола со 31-22. Триумф што ги носи „црвено-жолтите“ кон следната фаза, но допрва претстојат големи искушенија, пред се следниот дуел со Словенија…

Капитенот Кире Лазаров и на оваа средба беше фантастичен, вистински лидер, испука „десетка“ и во мрежата на Ангола, па по два меча има постигнато вкупно 22 погодоци.

„Ангола не е велесила, не е селекција од светскиот врв, но и знаевме дека не се толку наивни. Моравме добро да се испотиме за да победиме, а во првиот дел од мечот промашивме и неколку ’зицери’ кои доведоа и до мала нервоза. Сепак, успеавме да се смириме, да се организираме, и остваривме предност до полувремето, а потоа и сигурен триумф. Сега треба да се одмориме, и да се фокусираме на следниот противник. Не очекува Словенија, тие секако се фаворити, имаат поголем број на ракометари кои играат во големи европски клубови, беа дел и од Олимписките Игри, но ние не се предаваме и на секој меч ќе играме максимално до самиот крај. Знаете, не е лесно да се игра во дресот на Македонија, навивачите секогаш го очекуваат максимумот, и ние се трудиме тоа да го оствариме“, изјави Кире Лазаров по триумфот над Ангола.

Се вчитува...