Лазаров меѓу петте фаворити за најдобар стрелец на ЕП

ЕКИПА во Загреб,

Билјана Благоеска Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Кире Лазаров е играч за големи мечеви и за големи натпреварувања, македонскиот ас тоа го има потврдено во бројни наврати, па неслучајно повторно се вбројува меѓу главните фаворити за наградата за најдобар стрелец на овој шампионат. Впрочем, Лазаров беше најдобар стрелец и на ланското СП во Франција, постигнувајќи 50 гола на шест натпревари, а хрватските терени одлично му лежат на нашиот „бомбардер“, кој е сопственик на рекордот за најмногу голови на ова СП, дури 92 на мундијалот во Хрватска во 2009 година.

Покрај тоа, македонскиот капитен беше најдобар стрелец и на ЕП во Србија, успех што сигурно ќе се обиде да го повтори и на европското првенство што почнува денеска.

Ривали има многу, но најсериозен се чини ќе му биде Уве Генсхајмер. Членот на ПСЖ е најдобар стрелец во Лигата на шампионите сезонава, а згора на тоа е и единтвено лево крило на Германија на овој шампионат, што му гарантира голема минутажа и можност за што повеќе голови.

Во ова друштво мора да се смести и Микел Хансен, уште еден ас на ПСЖ кој воедно е и главен адут на Данска во обидот да ги обедини олимпиското и европското злато. Како и Лазаров и Генсхајмер, и Хансен ги изведува седмерците за својата селекција, а воедно е и беспрекорен реализатор од поле, способен да го реши секој противник.

Во трката за ова индивидуално признание би можеле да се вмешаат и Кристијан Бјорнсен, десното крило на Норвешка кое постигна 45 гола на последниот мундијал во Франција, но и Лука Циндриќ, „вардарецот“ кој дефинитивно прераснува во еден од лидерите на хрватскиот национален тим.

Се вчитува...