Лазаров: Многу пати сме гореле во желбата, да не ни се повтори и утре

ЕКИПА во Мец,

Стеван Цаневски, Билјана Благоеска

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, е свесен за големината на предизвикот на претстојниот мундијал, на кој „црвено-жолтите“ своите настапи ги стартуваат утре со дуелот против Тунис. Ривалот е добро познат, селекцијата што го уништи олимпискиот сон на нашите репрезентативци и против која единствениот триумф на големите натпреварувања го имаме на последниот мундијал во Катар.

„Тешко е да се говори за форма бидејќи најважно е она што ќе се покаже на теренот, можам да кажам дека сме добро подготвени, дека сме максимално мотивирани да сториме се за да ја израдуваме нацијата. Знаеме дека од нас секогаш се очекуваат најдобри резултати, ние секогаш и се обидуваме да дојдеме до нив, но некогаш таквите очекувања знаат да бидат и нереални. Ние многу пати сме гореле во желбата да дојдеме до триумф на некој значаен натпревар, сметам дека овојпат не смееме да си дозволиме такво нешто, мораме да играме смирено, интелигентно, да ја користиме секоја шанса што ќе ни се укаже“ – изјави Лазаров.

Во подготвителниот период македонските ракометари напорно го воигруваа нападот „седум на шест“, тактика со која ќе се обидат да ја решат и гранитната одбрана на Тунижаните.

„Видете, на ова Светско првенство сите селекции играат цврста одбрана и мора да се намачите за да им дадете гол. Ќе видиме како ќе тече натпреварот, трениравме на ситуацијата „седум на шест“, подготвени сме да ги исполниме задачите што од нас ќе ги побара селекторот, верувам дека ќе играме поразноврсно и се надевам дека тоа ќе ни донесе резултат“ – истакна македонскиот капитен.

Се вчитува...