Лазаров: Ова е старт од соништата, да ја прекинеме и лошата традиција со Германија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

 

Кире Лазаров е лидер на македонската репрезентација и на овој европски шампионат, а искуството што го поседува нашиот капитен не дозволува да дојде до еуфорија. Напротив, ракометарите се цврсто на земја, свесни за предизвикот што го носи утрешниот натпревар против Германија.

„Мислам дека ова е посакуван старт, старт од соништата за нас на едно европско првенство. Две победи над квалитетни ривали, одигравме два тешки дуели во кои 60 минути не се знаеше победникот. Тоа ни дава надеж и искуство дека во следниот меч ќе настапиме со уште поголема самодоверба, затоа што ја стекнавме во овие 120 минути.  Стоиме цврсто на земја, Германија е европски првак и можеби најквалитетната по ростер репрезентација на ова ЕП. Сепак, нивниот меч со Словенија ни дава за право да веруваме дека може да се игра против нив, да се надмудрат и да се стигне до позитивен резултат. Имаме многу што да поправиме од вчерашниот меч, победивме, но знаеме дека можеме и треба порано“ – изјави Лазаров.

Македонија се мачи на дуелите со Германија на големите натпреварувања, претрпевме порази на мундијалите во Хрватска и во Шпанија, минимално загубивме и на ЕП во Србија, но тоа ќе биде само мотив повеќе за нашите ракометари на утрешниот натпревар.

„Вчера ми е посебно драго што во нашиот краток ростер добивме нови играчи кои покажаа дека можат да помогнат и да дадат значаен придонес. Тоа е неопходно за да им ги зголемиме и проблемите на противниците кога се подготвуваат за нас. Имаме негативна традиција кога станува збор за традицијата со Германија, но ова нека биде почеток на една нова историја“ – со оптимизам гледа нашиот капитен кон утрешниот натпревар.

Се вчитува...