Лазаров перфектен со Висла, Барса директно во четвртфинале

Барселона е тимот што му се приклучува на Вардар како директни учесници во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако каталонскиот гигант вечерва ја декласираше Висла Плоцк со убедливи-28 36. Со тоа, тимот на нашите Борко Ристовски и Кире Лазаров си го осигура првото место во силната „група А“ пред составот на ПСЖ, кој утре ќе го игра својот меч од последното коло против Кил.

Гостите од Полска успеваа да парираат само во првото полувреме што заврши со предност на Барса од 17-15. Сепак, каталонците додадоа гас на стартот од второто полувреме, за петнаесетина минути направија серија од 10-2 и стигнаа до двоцифрена предност (27-17), по што рутински го привршија натпреварот. Во овој период одличен беше Лазаров кој постигна четири гола од исто толку обиди.

На крајот, македонскиот десен бек го заврши мечот како најдобар поединец на каталонскиот гигант, со шест гола со стопроцентна реализација и бројни прекрасни асистенции. Покрај Лазаров, во елемент беше и Виктор Томас, кој постигна седум гола на оваа средба.

Барселона со првото место во групата го прескокнува осминафиналето, а во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од германската пресметка Некар Левен – Кил.

Се вчитува...