Лазим Дестани мотивира пред Милан: Покажете храброст, одиграјте херојски!

Сопственикот на Шкендија, Лазим Дестани по одличното лето на својот тим, и победничкиот старт против Вардар и во домашното првенство, се одлучи со мотивирачко писмо да ги охрабри фудбалерите на Шкендија пред историските натпревари со италијанскиот гигант Милан во последното квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лигата на Европа.

„Пресреќен сум поради резултатите и игрите ова лето кои ни ги демонстрирате, но моето задоволство е уште поголемо кога ја радоста на нашите навивачи. Горд сум и на вчерашниот успех против Вардар, и начинот на кој ја стартувавме новата сезона во првенството па би сакал да ви посакам успешна сезона“ – вели Дестани во своето обраќање до фудбалерите на Шкендија и дополнува:

„Сега, пред за нас историскиот натпревар со Милан би сакал најпрво да ви честитам на досегашните успеси и на европската сцена. На 17. август сите заедно ќе го почувствуваме ‘Сан Сиро’. Убеден сум дека на натпреварот против Милан ќе го дадете најдоброто од себе. Покажете храброст и гордост, одиграјте херојски и посакувам и се надевам дека со добар резултат ќе се вратиме од Милано“.

Натпреварот меѓу Милан и Шкендија од плеј-оф рундата за пласман во групите на Лигата на Европа се игра на 17. август на „Сан Сиро“, а реваншот на „Телеком арената“ во Скопје е за седум дена,  на 24. август.

Се вчитува...