Лејно ја одведе Франција во мундијалско полуфинале

Голманката на Вардар, Амандин Лејно, е најзаслужна за пласманот на Франција во полуфиналето од ракометниот мундијал, откако токму таа ги предводеше „триколорите“ во вечерашната победа над Црна Гора од 25-22. Црногорките не успеаја да ја повторат играта од осминафиналето со Србија, налетувајќи на цврстата француска одбрана предводена од Лејно, за која Радичевиќ, Булатовиќ и останатите не најдоа одговор во ова четвртфинале.

Црна Гора го отвори мечот со рано водство од 0-2, но потоа Франција ја презеде контролата и благодарение на Лејно (пет одбрани во првите десет минути) поведе со 6-4. Французинките имаа најубедливи 9-5 во првото полувреме, но противникот успеа да ја преполови разликата и на одмор се замина со резултат 12-10. Црногорките во ниту еден момент не ја спуштија разликата под два гола, напротив, Франција во текот на вториот дел уште повеќе ја зголеми позитивата, за да се влезе во релаксиран финиш во кој победата на „триколорите“ не беше доведена во прашање.

Франција во првото полуфинале од овој мундијал ќе се сретне со Шведска, која попладнево славеше над селекцијата на Данска.

Се вчитува...