Лејно и Лакрабер ја запреа Шведска, Франција е во финалето

Франција е репрезентацијата што ќе ја предизвика Норвешка во големото финале од СП во ракомет за жени, откако „триколорите“ вечерва во фантастичен натпревар славеа над Шведска со резултат 24-22. Двете ракометарки на Вардар, Амандин Лејно и Александра Лакрабер, беа меѓу најзаслужните за големата победа и пласманот во битката за златниот медал.

Од самиот старт беше јасно дека двете селекции акцент ставаат на цврстата одбрана, а благодарение на Лакрабер во нападот и Лејно на голот Французинките го зададоа првиот удар. Тие поведоа со четири гола разлика, а при 10-6 имаа и напад за „плус пет“. Сепак, Лакрабер не беше прецизна, а веднаш потоа Шведска влезе во фуриозна серија, постигнувајќи шест гола во низа. „Постот“ на Франција од десет минути без постигнат погодок го прекина Пино, погодувајќи за конечни 11-12 за Шведска на крајот од првото полувреме.

И повторо полувремето почна израмнето, за Франција прва да направи серија, па повторно да поведе со четири гола (20-16), благодарение на одличната Лејно. Швеѓанките уште еднаш покажаа карактер и уште еднаш се вратија, експресно стигнувајќи до 20-20. Изабела Гулден, која го одигра својот најслаб меч на овој мундијал, сепак погоди кога беше најважно, за водство на „сино-жолтите“ од 22-21. Франција веднаш израмни, по што двете селекции промашија по два напади, па во последните две минути се влезе со резултат 22-22. Пино ја презеде одговорноста и реализираше за 23-22 за Франција, на спротивната страна Швеѓанките направија пробивање, по што „триколорите“ со гол од крило ставија крај на сите дилеми околу победникот, за конечни 24-22.

Се вчитува...