Лејно уште две години на голот на Вардар

Амандин Лејно ќе продолжи да го носи дресот на Вардар и во иднина откако одличната голманка од Франција договори продолжување на соработката со актуелниот првак на Македонија.

Француската репрезентативка која е член на клубот уште од 2013 година и сезонава е меѓу главните играчи на „црвено-црните“, со што апсолутно го заслужи новиот договор со „вардарки“. Иако интерес за нејзините услуги искажаа челниците на уште неколку врвни клубови ширум Европа, Лејно им остана лојална на „црвено-црните“ потпишувајќи договор до 2019 година.

Французинката повторно ќе биде меѓу главните адути на Вардар и во завршницата од оваа сезона, во која македонскиот првак најпрвин ќе треба да го мине Митјиланд, за потоа на фајналфор турнирот во Будимпешта да атакува на европскиот трон во женскиот ракомет.

Се вчитува...