Лекција за „вардарки“, Ростов го освои турнирот во Скопје

Вардар не успеа да го освои турнирот чиј организатор беа „црвено-црните“ во последните неколку дена, откако во големото финале македонскиот првак беше поразен од Ростов со резултат 26-33. Поразот е апсолутно заслужен, Русинките беа далеку подобар противник, а овој натпревар дефинитивно добро ќе им послужи на „вардарки“ како будење пред стартот на натпреварувањето во Лигата на шампионите.

Финалето почна со ефикасна игра на двете страни, по што прв реагираше гостинскиот тренер со промена на голманската позиција. Екс-вардарката Песоа одлично се снајде и овозможи Ростов по десет минути игра да има предност од 5-8. Русинките беа поквалитетен тим на теренот, па откако Булатовиќ погоди за 6-10 Дибирова беше принудена да побара тајмаут. Серијата на Ростов ја прекина Цвијиќ со гол од контранапад, но ракометарките од Русија умешно го контролираа резултатот. Пред крајот на полувремето Ростов имаше водство од 11-15, за Вардар сепак да успее да се врати и на одмор да замине со само еден гол негатива (14-15), откако Лекич и Радичевиќ беа прецизни во последната минута.

Наместо со зголемена самодоверба, „вардарки“ одиграа многу слабо на стартот од второто полувреме кое гостинките од Русија го почнаа со три гола во низа (14-18). Тие набрзина стигнаа и до „плус пет“, предност што потоа рутински ја одржуваа се до самиот крај и конечните 26-33.

zrk vardar vtoro mesto

Третото место од овој турнир го освои ЧСМ Букурешт, по победата во „малото финале“ над Будуќност од 31-21. Петтата позиција му припадна на данскиот прволигаш Оденсе, кој славеше над Кубан со резултат 36-28.

 

Се вчитува...