Ленард се врати, но Сан Антонио загуби

Најдобриот кошаркар на Сан Антонио, Кави Ленард, синоќа конечно го имаше своето деби за оваа сезона, надминувајќи ги проблемите со повредата на мускулот и коленото. Враќањето на Ленард не беше заокружено и со победа на спарси откако овој тим беше поразен со 95-89 на гостувањето во Далас. Џеј Џеј Бареа постигна 14 од своите 16 поени во второто полувреме помагајќи му на Далас да стигне до победата, додека Харисон Барнс беше најефикасен кај Далас со 17 поени.

Ленард одигра 16 минути, но пред крајот на третата четвртина се упати кон соблекувалната и воопшто не влезе во игра во последниот период. Тој го заврши мечот со 13 поени, шест скока и една асистенција.

Леброн Џејмс беше во главна улога на дуелот меѓу Кливленд и Атланта што актуелниот вицешампион ја доби со 123-114. „Кралот“ Џејмс постигна 25 поени со извонреден шут од поле (11/13), а згора на тоа имаше и 17 асистенции во беспрекорното офанзивно издание на Кливленд, со кое домашниот тим погоди дури 20 тројки.

Неизвесно беше во Њујорк, каде домаќините по продолжение го совладаа тимот на ЛА лејкерс со 113-109. Порзингис беше во главна улога со 37 поени и 11 скокови, за втора победа во низа и трета во последните четири средби за никси.

Резултати НБА:

Сакраменто – Феникс 99-92, Минесота – Филаделфија 112-118 (по прод.), Далас – Сан Антонио 95-89, Бруклин – Вашингтон 103-98, Њујорк – ЛА лејкерс 113-109 (по прод.), Детроит – Денвер 84-103, Кливленд – Атланта 123-114.

Се вчитува...