Лестер сака да испише нова историја, на патот му стои Севилја

Лестер делуваше како тим на работ на амбисот, по серијата слаби игри во Премиер-лигата и поразот од 2-1 на првиот дуел со Севилја, меч на кој шпанскиот состав целосно доминираше, а покрај двата постигнати гола промаши и пенал и уште неколку одлични шанси. Сепак, во меѓувреме ситуацијата се промени, по заминувањето на Клаудио Раниери „лисиците“ повторно изгледаат како тим преполн со самодоверба, под водство на новиот стратег Крег Шекспир „ѕвездите“ како Марез и Варди потсетуваат на ланските фантастични изданија, па јасно е дека англискиот првак ќе се обиде да испише нови страници во својата историја, обезбедувајќи место меѓу најдобрите осум тима во Европа.

„Голот што Варди го даде во Севилја ни отвори огромна шанса. Ова ќе биде специјален натпревар, атмосферата ќе биде вжештена. Очекувам по победите над Ливерпул и Хал полни со самодоверба да влеземе во овој меч и да стигнеме до посакуваната победа“ – истакна Шекспир во пресрет на вечерашниот дуел.

Севилја во претходните сезони во нокаут фазата се натпреваруваше во Лигата на Европа, каде четири години по ред стигнуваше до пехарот. Сепак, овојпат предизвикот е далеку поголем, а тимот на Сампаоли е подготвен за добра игра на тешкиот терен во Лестер.

Во последно време не бевме доволно константни во формата, време е да покажеме игра како онаа со која долго време бевме рамо до рамо со Реал и Барса во битката за титулата. Ќе ни треба цврсто европско издание како она при ремито од 0-0 во Торино против Јувентус, Лестер сега делува многу поопасно и посамоуверено отколку на првиот меч, така што ќе мораме да бидеме многу внимателни“ – изјави стратегот на Севилја.

Тимот од Андалузија ниту еднаш досега ја нема минато осминафиналната рунда во ЛШ откако беше елиминиран во оваа фаза во 2008 и во 2010 година од Фенербахче, односно ЦСКА Москва.Традицијата вели дека Севилја од 18 ситуации кога славела на првиот домашен меч во европските купови, дури 17 пати се пласирала во следната рунда. Исклучок е единствено двомечот со Кајзерслаутерн во 1982 година, кога германскиот тим славеше со 4-0 на реваншот и безбеди пласман во следната фаза од Купот на УЕФА.

Се вчитува...