ЛИЧНОСТ НА ГОДИНАТА - БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ: Кои се тајните на успехот на Сер Боби? - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Меѓ. Фудбал
24/02/2017 13:18
Меѓ. Фудбал
23/02/2017 20:54
Фудбал
23/02/2017 15:31
Кошарка
23/02/2017 12:55

ЛИЧНОСТ НА ГОДИНАТА – БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ: Кои се тајните на успехот на Сер Боби?

ЛИЧНОСТ НА ГОДИНАТА – БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ: Кои се тајните на успехот на Сер Боби?

Македонија на Европско првенство во фудбал. Досега тоа беше далечен сон и само пуста желба на секој Македонец на кој спортот му е при срце, но Благоја Милевски и неговите „херои“ од националниот тим до 21 година се погрижија да стане реалност и повод за нашата можеби најголема спортска радост во 2016 година.

Злобниците ќе речат, па тоа е само Европско за млади, но сите оние кои знаат каков е тоа успех веруваат дека токму генерацијата што ја оформи и на прав пат ја изведе Благоја Милевски е иднината на македонскиот фудбал. За многу такви успеси и среќни моменти и во наредните години.

bobi 1Читателите на ЕКИПА го избраа Благоја Милевски за личност на годината, а ние ви го носиме тајните на успехот на Сер Боби…Секако, директно од селекторот што заедно со младите фудбалери ги заслужи сите аплаузи во годината што изминува. А ќе бидат во фокусот на вниманието и во 2017, кога Македонија ќе биде дел од ЕП во фудбал, во Полска.

Да се изгради победнички дух не е нималку лесна работа. Можеби и најтешкиот дел од работата за еден селектор, после селектирањето на фудбалерите. Како тоа му успеа на Благоја Милевски?

„Најпрво сакам да се заблагодарам на читателите и на редакцијата на ЕКИПА за овој избор. Многу значи, посебно затоа што е личност на годината. Се вклопува во мојот стил на работа, затоа што и јас како селектор на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година се обидувам да селектирам токму личности. Секој наш член во младата селекција, освен фудбалер со одлични карактеристики, мора да биде и врвна личност, со свој изграден став и респект кон самиот себе, кон соиграчите и стручниот штаб и пред се кон – МАКЕДОНСКИОТ ДРЕС. Ако јас сум избран за личност на годината, веднаш морам да кажам дека зад мене стојат околу триесетина и нешто повеќе личности, од фудбалери, членови на стручниот штаб, секретар, економ, поддршка од челниците на ФФМ, кои се заслужни за овој наш успех. Веројатно тоа е тајната на успехот“, открива Благоја Милевски.

trening reprezentacija fudbal u21

Тој е секогаш фокусиран на својата работа, не дозволува никој да „летне во облаци“ и секогаш однапред ги планира своите потези и до совршенство го знае распоредот за следните активности.

„Таков сум, не сакам импровизации. Сакам се да биде испланирано и договорено навреме. Се водам од девизата „почитувај ја секоја личност, ако сакаш да те почитуваат и тебе“. Кај нас во младиот национален тим се е подредено на работата, точно си ги знаеме обврските и одговорноста. Планот за работа и роковникот се веќе однапред испланирани и за 2017 година. И до најситен детаљ, и за подготовките и за базата во Полска, но и за следната генерација млади фудбалери, која ќе почне да се натпреварува во следниот циклус од квалификациите. Само така можеме да функционираме беспрекорно, а ако ме прашувате, веројатно и тоа е една од тајните на успехот“, порачува селекторот кој веќе добива и прекар Сер Боби.

bobi (1)

Македонија на Европско…Радост за сите Македонци, обврска за селекторот да ги одбере најдобрите, но и желба на сите млади фудбалери да бидат на неговиот список. А ќе можат да патуваат 20 фудбалери и тројца голмани.

bobi 2„Одговорот веднаш го имате. Ќе патуваат најдобрите. Нема тука ниту најмала трошка на баланс, размислување, ниту тронка сомнеж. Тоа фудбалерите го знаат и драго ми е што го почитуваат од првиот момент откако јас станав селектор на младата репрезентација до 21 година. А сите имаат добиено и ќе добијат шанса да ги покажат своите квалитети. Од друга страна, секој треба да биде дел од колективот и да го даде најдоброто од себе во дресот на Македонија. Тоа е нашата водилка со која грабиме напред…„Сите ние заедно сме Македонија“, мото кое никогаш нема да го промениме. А дел од нас е и секој што е повреден, секој што на одреден меч е на трибините, што не добил шанса. Секако, тие од „еден до единаесет“ во моментот се најважните, затоа што играат на теренот, но сите останати мораат, и многу и драго што ја даваат неопходната поддршка“, вели Сер Боби.

bobi 4Има многу падарокси во овој наш македонски фудбал. На крајот, Благоја Милевски ја има и пораката за сите нас поединечно, но пред се за оние кои се дел или во иднина ќе бидат дел од нашиот фудбал. Најголемата тајна на успехот на Боби и „хероите“ – ВЕРУВАЈ ВО СЕБЕ!

bobi 3„Секој од нас мора прво самиот да се убеди дека е најдобар, односно дека го дава најдоброто од себе кога го носи дресот или тренерката на репрезентацијата на Македонија. Но, сега сакам да говорам и малку поглобално. Мораме сите ние кои работиме во македонскиот фудбал да веруваме многу повеќе во македонските фудбалери. Ако Бабунски, Барди, Ангелов, Велковски, Радески, Зајков, Демири, Бејтулаи и сите останати покажаа дека можат да бидат подобри од Франција со Дембеле, Рабио, Толисо, Нкуду, кои се дел од најдобрите европски клубови, тогаш сигурно се квалитет што треба да биде водечки и во нашиот македонски фудбал. Треба да бидат лидери на нашите македонски клубови, треба да бидат ѕвездите во нашите медиуми. Треба сите ние многу повеќе да им веруваме во нашите македонски фудбалери. Јас им верувам, тие самите покажаа дека веруваат во себе, и тоа е најголемата тајна на успехот. Да веруваш во себе дека можеш да бидеш и најдобар, да бидеш меѓу најдобрите…Затоа Македонија се пласира на Европското првенство“, категоричен е за крај, Благоја Милевски.

ivanov-mak-fudbaleri-u21-1-640x359

Срце не дава, а да не го прашаш…Боби, имаме ли ние адути за на Европското…против Шпанија, Португалија и Србија…Какви играчи само имаат…

А тој одговара како од пушка…

„Имаме! И тоа какви адути. Јас верувам, верувајте и вие, и сите ние. Сите ние заедно сме МАКЕДОНИЈА“…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.